Свет 08. октомври 2019. / 14:54

Сириски министер побара од Курдите да се придружат на сириската Влада, а не да се „фрлат во бездна“ 

Сириски министер побара од Курдите да се придружат на сириската Влада, а не да се „фрлат во бездна“ 

Сирискиот заменик министер за надворешни работи Фејсал Мекдад ги повика сириските Курди да преминат на страната на Владата во Дамаск. Во спротивно, како што истакна министерот, тие самите себе ќе се фрлат во бездна.

– Татковината срдечно ќе ги прими сите свои синови и Владата во Дамаск ќе ги реши сите проблеми во земјата на позитивен начин, без насилство, посочи Мекдад.

Изјавата на Мекдад е прва официјална реалкција од Сирија по одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да ги повлече американските трупи од североисточниот дел на Сирија.

Истовремено,  Мејдад потенцира дека Сирија ќе ја брани целата своја територија и нема да прифати никаква окупација.

Одлуката на Трамп ги налути сириските Курди, бидејќи тоа значи губење на автономијата со која се стекнаа за време на војната во Сирија.

Американските сили вчера почнаа да се повлекуваат од североисточниот дел на Сириј. Курдските борци го обвинија Вашингтон за непочитување на своите обврски кон клучните сојузници и наведоа дека тоа ќе ги поништи достигнувањата во последните пет години во борбата против Исламската Држава.

Турција во повеќе наврати се закани дека ако не биде формирана безбедносна зона долж границата со Сирија, за што беше постигнат договор со САД, ќе изврши инвазија врз североисточниот дел на соседната земја.