Сириската офанзива на Идлиб би можела да започне во секој момент, а во меѓувреме пристигна и поддршка од најголемиот сојузник – Русија.
Неименуван извор близок до сириските власти во разговор за британската новинска агенција „Ројтерс“ истакна дека сириските владини сили се подготвуваат за офанзива на просторот на северозападната провинција Идлиб и околните територии – последното најголемо упоруште на милитантите.
Оваа информација доаѓа непосредно откако рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров ја поддржа сириската армија и порача дека милитантите во Идлиб треба да бидат „ликвидирани“.
Изворот во разговор за „Ројтерс“ открива дека операцијата на сириската армија ќе биде масивна и ќе биде спроведена во неколку фази.
Во првата фаза ќе бидат нападнати јужните и западните делови на провинцијата Идлиб, но не и самиот истоимен град. „Завршните детали од планирањето на првата фаза ќе бидат готови веќе за неколку часа“.
Ситуацијата е проблематична затоа што во северните делови од провинцијата, контрола на регионот има Турција, па на офанзивата остро се противат турските власти. Од САД исто така потврдија дека постојат индикации дека сириската армија се подготвува за офанзива во провинцијата Идлиб.
„Загрижени сме не само поради можните хемиски напади, туку и поради било каква друга ескалација на подрачјето на Идлиб која што би можела да ги загрози цивилите и цивилната инфраструктура“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хедер Нојерт.
Да потсетиме, од руското Министерство за одбрана во неколку наврати предупредија дека можна е воена интервенција и воздушни напади на позициите на сириската армија од страна на САД, Велика Британија и Франција, токму поради спроведувањето на големата операција во Идлиб.
Русите тврдат дека милитантите на територијата на оваа провинција ќе исценираат напад со хемиско оружје и тоа на западните сили ќе им послужи како алиби за напад на позициите на сириската армија.