Свет 30. ноември 2018. / 23:02

Сириецот кој седум месеци живееше на аеродром, конечно доби азил

Сириецот кој седум месеци живееше на аеродром, конечно доби азил

Сириeцoт што поминаа седум месеци затворен на малезиски аеродром бидејќи му ја одбија визата, конечно, доби азил во Канада.

Триесет и едногодишниот Хасан ал-Контар, кој се занимава со маркетинг, седум месеци беше заглавен на аеродромот во Куала Лумпур, поточно од 7 март, кога малезиските власти одбија да го пуштат во земјата.

За тоа време тој привлече голем број обожаватели на социјалната мрежа „Твитер“, каде што го документира своето секојдневие на аеродромот преку снимки и фотографии на кои прикажуваше како се снаоѓа за храна, пиење, па дури и за вежбање. Неговиот визуелен дневник привлече меѓународно внимание, па на социјалната мрежа почнаа да го следат илјадници луѓе. Меѓу нив беше и Лори Купер од Вистлер во Британска Колумбија, која собрала пријатели и познајници за да поведе петиција, која потоа била предадена во канадскиот Центар за имиграции, а со која се барало Контар да добие статус на бегалец.

Преку донации биле собрани и бараните 13.600 долари и останувало да се дочека конечната одлука. Во меѓувреме, Контар не се појавуваше на „Твитер“ неколку недели, па излезе дека бил уапсен бидејќи во еден момент се шетал во забранета зона на аеродромот.

Поради тоа, процесот мораше да се забрза за малезиската полиција да не го депортира во Сирија. Конечно, минатата недела добил порака дека може да го напушти аеродромот.

По неколку недели молк на „Твитер“, се јавил со слика од аеродромот, со таа разлика што сега, конечно, одел некаде.

Во вторникот Сириецот слета во Ванкувер и изрази благодарност до своето семејство, пријателите и голем број непознати луѓе од целиот свет кои одлучиле да му помогнат.