Свет 12. јануари 2020. / 23:00

Силите на генералот Калифа Хафтар прогласија прекин на огнот во Либија

Силите на генералот Калифа Хафтар прогласија прекин на огнот во Либија

Либиските сили лојални на генералот Калифа Хафтар соопштија дека од полноќ стапил во сила прекинот на огнот во западниот дел на земјата, во кој е вклучен и главниот град Триполи.

Портпаролот на Либиската национална армија, Ахмад Мисмари, наведе дека нивните сили го прифаќаат примирјето под услов и втората страна да се придржува кон него.

Мисмари предупреди дека какво било прекршување на примријето ќе наиде на жесток одговор од нивна страна.

Либија во моментов има две извршни власти – меѓународно признатата Влада на национално единство на премиерот Фајез ал-Сараџ во Триполи и привремената влада на Абдулах ал-Тани на истокот од земјата, која е поддржана од Либиската национална армија на генералот Калифа Хафтар.

Борбите околу Триполи ескалираа во последните неколку недели откако Хафтар објави дека тргнува во конечна битка за престолнината.