Свет 13. февруари 2020. / 10:18

Силите на генаралот Калифа Хaфтар го затворија аеродромот во Триполи за авиони на ОН

Силите на генаралот Калифа Хaфтар го затворија аеродромот во Триполи за авиони на ОН

Силите предводени од генералот Калифа Хафтар, познати како Либиска национална армија (ЛНА) нема да дозволат Обединетите нации да го користат единствениот функционален аеродром во главниот град Триполи.

Портпаролот на ЛНА, Ахмед Мисмари, пред новинарите во Бенгази изјави дека Обединетите нации ќе мора да користат други аеродроми, како тој во Мизрат, затоа што силите на ЛНА не можат да ја гарантираат безбедноста на летовите на аеродромот во Триполи кој Турција го користи како база.

Обединетите нации претходно предупредија дека ограничувањата на летовите од страна на командантот Хафтар ги попречуваат хуманитарните и посредничките напори во земјата која е во конфликт од 2014 година.

ЛНА од април минатата година се обидува да ја преземе контролата врз Триполи, но не успева да ја разбие одбраната на градот. Сепак, има контрола на воздушниот простор благодарение на дроновите на Обединетите Арапски Емирати кои преку сателит ја покриваат цела Либија.

Од Мисијата на ОН во Либија соопштија дека ЛНА во изминатите три недели неколку пати блокирала доаѓање на авиони на ОН кои пренесувале персонал на организацијата.