Свет 20. ноември 2020. / 18:45

Силите на Азербејџан влегоа во новоосвоените територии во Нагорно-Карабах

Силите на Азербејџан влегоа во новоосвоените територии во Нагорно-Карабах

Претседателот на Азербејџан, денес објави дека војската влегла и ја презела контролата над регионот Агдам, територија која беше напуштена од Ерменските сили според мировниот договор од минатата недела, кој стави крај на 6-неделната војна во регионот Нагорно-Карабах.

– Денес, со чувство на бескрајна гордост, го известувам мојот народ за ослободувањето на Агдам, рече претседателот Илхам Алијев во обраќање до своите граѓани, пренесе Асоушиејтед Прес.

Агдам е првиот регион кој требаше да биде предаден како дел од мировниот договор.

Регионот Нагорно-Карабах се наоѓа во Азербејџан, но е под контрола на Ерменските сили уште од крајот на сепаратистичката војна во 1994-та, поради која двете земји се во постојани тензични односи.

Претседателот на Азербејџан исто така изјави дека Азербејџан успеа да преземе контрола врз овој регион „без ниту еден испукан куршум и без ниту една загуба“ и го нарече „огромен политички успех“ кој не би бил возможен без воените акции.

Премиерот на Ерменија Никол Пашинјан пак, изјави дека примирјето е потпишано по длабока анализа на ситуацијата на терен и во координација со истакнати експерти во таа област.

– Ова не е победа, но не постои пораз додека самиот не се сметаш за поразен. Никогаш нема да се сметаме за поразени и овој момент претставуа почеток на нова ера на национално единство и преродба, изјави Пашинјан.

Договорот во Азербејџан беше пречекан со славје на улиците, додека во главниот град на Ерменија, Јереван, избија огромни демонстрации.