– Пречките во глобалната трговија мора да бидат отстранети, а земјите треба да ги поддржат основните мултилатерални начела додека цврсто се спротивставуваат на протекционизмот – изјави кинескиот претседател Си Џинпинг, nа отворањето на кинескиот меѓународен увозен саем во Шангај.
Си оцени дека тоа мора да биде направено за да се поттикне меѓународната соработка и да се остранат пречките за инвеститорите.
Кинескиот претседател вети дека ќе продолжи отворањето на кинеската економија и пазарите, како и јакнење на правото за заштита на интелектуална сопственост.
– Мораме да се здружиме, наместо едни на други да го препуштаме проблемот за решавање. Мора да ги урнеме ѕидовите, а не да ги креваме. Мора цврсто да застанеме против протекционизмот и унилатерализмот. Мора постојано да ги уриваме трговските бариери, да ја оптимизираме глобалната вредност и синџирот на снабдување, и заеднички да ги поттикнуваме барањата на пазарот – оцени Си.
Изјавата на Си доаѓа во период кога американските и кинеските преговарачи работат на финализирање на текстот за „првата фаза“ од договорот кој кон крајот на месецот се очекува да го потпишат претседателите на САД и Кина. Со тој договор би се намалиле тензиите од речси 16-месечната трговска војна, која наштети на глобалната економија.