Кинескиот претседател Си Џинпнг изјави дека Пекинг сака да работи на трговски договор со САД, но не стравуваат да возвратат во случај на нови санкции од страна на САД.
Истакнувајќи го позитивниот тон што го има Кина во последните неколку дена, Си во разговори со американска бизнис делегација во Пекинг изјави дека неговата земја ги поддржува трговските преговори.
– Како што секогаш зборуваме, не сакаме да почнеме трговска војна, но не се плашиме. Кога е потребно, возвраќаме, но активно работиме за да немаме трговска војна – нагласи Си.
За време на состанокот во Пекинг, Си истакна пред групата дека ставот на Кина е дека договорот бара взаемно почитување и еднаквост.
Во делегацијата што учествуваше на новиот економски форум, што се одржа во Пекинг оваа недела, беа и поранешниот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер, поранешниот министер за финансии, Ханк Полсон, поранешниот претставник за трговија на САД, Мајк Фроман и други официјални претставници.
Волстрит Џурнал вчера објави дека главниот преговарач на Кина, вицепремиерот Лиу Хе, ги повикал своите американски колеги во Пекинг на понатамошни разговори, навестувајќи дека има надежи за напредок.