Две шведски министерки објаснуваат дека стратегијата на Шведска за справување со корона вирусот е слична на онаа во многу други земји и покрај тоа што во земјата не се воведени ограничувања во движењето.
Мит е дека животот во Шведска тече нормално – изјави министерката за надворешни работи Ан Линде на онлајн прес-конференција.
Земјата привлече внимание откако не воведе ограничувања во движењето и за разлика од нејзините соседи не ги затвори рестораните и баровите. Клиентите, сепак, треба да седат на безбедно растојание меѓу масите, за да бидат услужени.
Многумина седат дома и не патуваат, многу фирми се затвораат, се очекува значително зголемување на невработеноста. Во Шведска не се воведени целосни мерки за ограничување, но дел од шведското општество не функционира – изјави Линде.
Министерката за здравство и социјални прашања, пак, Лена Халенгрен истакна дека основната разлика меѓу Шведска и други земји е тоа што Стокхолм не ги затворил училиштата до 9. клас и детските градини и луѓето не биле принудени да седат дома. Како што истакна таа, целта на Владата е да го ограничи ширењето на заразата и да гарантира дека здравствените услуги ќе останат достапни за сите.
Големиот број заразени во домовите за стари лица е едно од напите основни проблеми – вели Халенгрен.
Според неа, не е јасно зошто корона вирусот се проширил во овие домови.
Халенгрен соопшти дека во идните недели Шведска ќе почне масовно да тестира за корона вирусот.
Зборуваме за 50.000, можеби дури и 100.000 тестови неделно – истакна таа.
Според агенцијата за јавно здравје, околу една третина од смртните случаи од Ковид-19 во Шведска се во домови за стари лица. Во земјата досега се регистрирани вкупно 13.216 заразени и 1.400 смртни случаи од Ковид-19.