Третина од светската популација е во изолација, државите преземаат се построги мерки за заштита на граѓаните, но во Шведска се чини како да не се многу засегнати од пандемијата.
За разлика од повеќето земји од ЕУ – вклучително и нејзините нордиски соседи Данска, Норвешка и Финска – Шведска не воведе построги наредби за ограничувања на движењето и социјално растојание.
Во земјата се регистрирани повеќе од 2300 инфицирани лица со коронавирус, а 41 лицe досега починаа, градинките и основните училишта се отворени, како и продавниците, рестораните и баровите.
Средните училишта и универзитетите изведуваат он-лајн настава, а забранети се јавни собири со над 500 луѓе. Властите препорачаа луѓето над 70 години да го ограничат контактот со другите, како најризична група.
И покрај ризикот од ширење на Ковид-19 земјата се обидува да создаде „колективен имунитет“, со што подоцна граѓаните ќе бидат имуни на вирусот.