Свет 30. мај 2018. / 19:21

Шведска купува ракети „Патриот“

Шведска купува ракети „Патриот“

Шведска во следните денови ќе склучи договор со американскиот производител на оружје „Raytheon Co“ за купување на противвоздушен систем „Патриот“, со цел да ја модернизира армијата во момент на зголемена тензија во односите со Русија.

По инвазијата на руската армија во Грузија во 2008 година и анексијата на Крим во 2014 година, Шведска настојува да ја зајакне својата армија која е запоставена со децении, објави „Ројтерс“.

„Ги завршивме преговорите со САД за набавка на ‘Патриот’ и ќе побараме дозвола од владата да го потпишеме договорот“, изјавил Јоаким Левин, челник на Канцеларијата за набавка и одржување на опремата за потребите на војската.

Вредноста на договорот е 1,13 милијарди долари и тоа ќе биде најголема набавка за армијата откако Шведска, која е воено неутрална земја, во 2013 година почна да модернизира 60 борбени авиони „Сааб грипен“, што ја чинеше повеќе од 5 милијарди долари.

Испораката на ракетите би требало да почне во 2021 година. Досега 15 земји имаат вакви ракети, вклучувајќи ги членките на НАТО – Германија, Холандија, Романија и Полска.

Швајцарија, која е воено неутрална, соопшти дека ја разгледува можноста за купување на „Патриот“.