Швајцарскиот епидемиолог Марина Јамники истакнува дека за вработените кои не можат да одржат растојание од 1,5 метри, маските се подобро решение отколку проѕирните пластични визири прицврстени со лента за главата.
Главниот епидемиолог во швајцарскиот кантон Граубинден, во кој се наоѓаат Сент Мориц и Давос, ги предупреди рестораните да не ги користат визирите за заштита на вработените од корона вирусот, нагласувајќи дека тие создаваат „лажно чувство за безбедност”.
Предупредувањето влијае врз стратегиите при отворање на некои ресторани, хотели и други бизниси поврзани со туризмот. Во швајцарските ресторани не е задолжително работниците да носат заштитни средства за лице, но некои вовеле таков услов. За споредба, пак, во Германија, некои провинции им овозможуваат на услужните работници да носат визири, додека други бараат да носат заштитни маски.
Анализата на случаите и начинот на ширење на болеста, покажува дека пластичните визири, кои се користат во рестораните, не нудат доволна заштита. Има случаи на заразени лица со визири – тврдат од кабинетот на Јамники.
Во предупредувањето се напоменува дека визирите имаат помошна улога при заштитата од Ковид-19, а за ефикасна заштита потребни се физичка дистанца и маски за лице.
Германскиот институт Роберт Кох соопшти дека маските се подобри, затоа што тие „ја забавуваат брзината на здивот и распрснувањето на плунката и секретот“, додека визирите само „ги ловат капките, кои директно паѓаат на пластичниот штит“.