Повеќе илјади работници во европските магацини на американската компанија Амазон стапија во штрајк со барање за подобри услови за работа и поголеми плати.
Магационерите на Амазон во Германија вчера штрајкуваа, приклучувајќи им се на колегите од Шпанија и Полска кои пред два дена стапија во штрајк.
Германскиот синдикат на работници во услужните дејности Верди повика на еднодневен штрајк за да ги поддржи барањата за договори кои би гарантирале здрави работни услови во магацините на најголемата светска компанија за онлајн трговија.
Основачот на американската компанија „Амазон“, Џеф Безос (54) стана најбогатиот човек на светот во поновата историја, со богатство од 150 милијарди долари, објави агенцијата Блумберг.
Се смета дека богатството на неговиот најголем конкурент за позицијата најбогат човек на светот, кој се наоѓа на втората позиција, основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс изнесува 55 милијарди долари помалку. На трето место се наоѓа Ворен Бафет со 83 милијарди долари.
Извештај на Управата за федерални резерви (Фед) на САД покажува дека во 2016 година најбогатите еден отсто од американските семејства контролирале 38,6 отсто од богатствата во САД, а 90 проценти од долниот дел на листата контролирале 22,8 отсто од богатствата.