Азербејџан и Ерменија пред неколку дена потпишаа Договор кој стави крај на војната во спорниот регион Нагорно-Карабах, која траеше еден месец и две недели.
По претрпените воени порази на повеќе локации, Ерменската армија почна да се повлекува и ја загуби својата контрола врз голем број на села и градови долж границата со Иран. Во раце на Азербејџанската армија паднаа 240 села, 5 градови и 4 гратчиња.
Ова, изгледа дека беше доволно за премиерот Никол Пашинјан да потпише мировен договор кој беше надгледуван од Русија и да признае пораз во војната.
Според Турската и Азербејџанската страна, овој договор претставува ставање крај на 28-годишната окупација на Ерменија врз регионот Нагорно-Карабах.
Што точно стои во договорот?
- Договорот стапува на сила на полноќ помеѓу 10 и 11-ти ноември.
- Азербејџан и Ерменија ќе останат на позициите кои ги контролираат во моментот на потпишување на договорот.
- Градовите Калбаџар, Агдам и Лахин ќе му бидат вратени на Азербејџан најкасно до 15-ти, 20-ти ноември, односно до 1-ви декември 2020.
- Ќе биде воспоставен механизам кој ќе ги надгледува двете страни дали се придржуваат до договорениот прекин на огнот.
- Руски мировни сили ќе бидат распоредени по целата линија на допир помеѓу двете страни и по Коридорот Лахин.
- Ерменската војска ќе се повлече, а тоа ќе го надгледуваат руските трупи.
- Руските мировни сили ќе останат во Нагорно-Карабах во наредните 5 години. Нивниот мандат ќе се продолжи автоматски за уште 5 години, освен доколку една од двете страни не приговори шест месеци однапред.
- Ќе биде воспоставена рута помеѓу Ерменија и Степанакерт, главниот град на Нагорно-Карабах, во наредните 3 години. Руските сили ќе ја обезбедуваат оваа рута.
- Оние кои беа раселени ќе се вратат во Нагорно-Карабах и околните области под супервизија на Високиот комесар за бегалци при Обединетите Нации.
- Коридорот за транзит помеѓу западните области на Азербејџан и Автономната Република Накшиван ќе биде повторно отворен.
- Двете страни ќе извршат размена на заробеници и телата на загинатите.