Шпанија од јануари бесплатно ќе ги вакцинира своите жители против коронавирус, прво старите лица во домовите за пензионери, нивниот персонал и здравствените работници, рече денеска шпанскиот министер за здравство Салвадор Ила.
Шпанија има намера да купи околу 140 милиони дози на вакцината, со што може да го вакцинира целото население од 47 милиони до крајот на следната година.
“Во првата фаза, од јануари до март, вакцината ќе биде во многу ограничени количини. Затоа, приоритет ќе им се даде на ранливите луѓе во домовите за пензионери, вработените кои се грижат за нив и здравствените работници”, рече Ила на прес-конференцијата по состанокот на министрите во Мадрид на кој бил потврден планот.
Втората фаза на вакцинацијата ќе трае од март до јуни, кога вакцината ќе биде подостапна. По јуни, Шпанија ќе влезе во третата фаза, кога вакцината треба да биде достапна за пошироката популација.
Владата направила список на приоритети идентификувајќи 18 групи жители, почнувајќи од најранливите, имено луѓето во пензионерски домови кои се разболеле од избувнувањето на пандемијата во март, како и нивните негуватели и здравствените работници кои лекуваат болни.
–Вакцината ќе биде бесплатна, а резултатот ќе биде подобар ако жителите доброволно се вакцинираат, забележал министерот.
Во Шпанија, од март 1,5 милиони луѓе се заразени со коронавирус, од кои 43.130 починале.
Во текот на изминатите две недели, вирусот е дијагностициран кај 374 лица на 100.000 жители, со што бројот на заразени се искачи на под 400 за прв пат во еден месец.
Шпанија од вчера бара негативни ПЦР-тестови на ковид-19 на аеродромите и пристаништата.