Свет 23. ноември 2018. / 21:18

Шеснаесет ЕУ лидери бараат решителна акција против глобалното затоплување

Шеснаесет ЕУ лидери бараат решителна акција против глобалното затоплување

Земјите мора да се договорат за мерките за заштита на климата на конференцијата на ОН во декември и мора да постават амбициозни цели за да го зауздаат глобалното загревање, порачаа денес лидерите на шеснаесет европски држави преку заеднички апел.

Глобалното затоплување „загрозува различни области, вклучувајќи го земјоделството, шумарството, туризмот, снабдувањето со енергија и вода и глобалното затоплување неизбежно станува сериозна закана за мирот и стабилноста низ светот“, се наведува во апелот што го иницираше австрискиот претседател Александер ван дер Белен.

На конференцијата која почнува на 2 декември во полскиот град Катовице државите ќе преговараат за правилата за имплементацијата на Парискиот договор за климата од 2015, како и за финансирањето политики за заштита на климата.

Европските лидери укажаа на неодамнешниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатските промени, во кој се предупредува дека е потребно да се преземат драматични чекори, ако се сака да се смени понатамошно зголемување на температурата до 1,5 Целзиусови степени.

-Мора повеќе да се направи, и акциите мора да бидат брзи, решителни и заеднички- наведоа европските лидери, повикувајќи ги владите да ветат поамбициозни национални цели во поглед на климатските промени.

 

-Да им оставиме свет вреден за живеење на нашите деца и идните генерации- се истакнува во апелот.

Апелот го потпишаа претседателите на Австрија, Кипар, Финска, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Летонија, Литванија, Португалија, Словенија и Швајцарија, како и премиерите на Холандија и Шведска.