Американскиот министер за одбрана Марк Еспер побара оставка од секретарот за морнарица, Ричард Спенсер, повикувајќи се на водење на случајот со припадникот на елитната единица „морнарички фоки“ обвинет за воени злосторства во Ирак.
По барањето на Еспер, Спенсер ја поднесе оставката, соопшти портпаролот на Пентагон, Џонатан Хофман.
Барањето се однесува на случајот со десетарот Едвард Галагер, кој беше обвинет за воени злосторства извршени за време на неговата служба во Ирак во 2017 година, пренесува „Гласот на Америка“.
Тој беше ослободен од обвинение за убиство, но беше прогласен за виновен затоа што се фотографирал покрај телото на убиениот тинејџер, борец на Исламска држава, и потоа му беше одземен чинот.
Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп го помилува и му го врати чинот и платата.
Кога Трамп минатата недела дозна дека морнарицата планира повторно да го преиспита случајот Галагер за да одлучи дали може да продолжи да ја носи значката која означува припадност во елитна единица командоси, тој повторно интервенираше.
Пентагон наведува дека Еспер побарал оставка од Спенсер кога дознал дека секретарот приватно им предложил на функционерите на Белата куќа дека доколку администрацијата престане да се меша во случајот Галагер, тој ќе се погрижи командосот да остане во елитната единица, иако Спенсер јавно и во Пентагон се залагал за дисциплинска постапка.
– За жал, поради тоа, заклучив дека секретарот Спенсер повеќе не ја ужива мојата доверба за да може да остане на функцијата – изјави Еспер.
Трамп на Твитер напиша дека ќе го номинира американскиот амбасадор во Норвешка, Кент Брајтвајт, за нов секретар на морнарицата.
….contracting procedures were not addressed to my satisfaction. Therefore, Secretary of the Navy Richard Spencer’s services have been terminated by Secretary of Defense Mark Esper. I thank Richard for his service & commitment. Eddie will retire peacefully with all of the…..
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) November 24, 2019