Свет 05. февруари 2021. / 17:47

Шефот на француската болничка федерација бара нов национален карантин

Шефот на француската болничка федерација бара нов национален карантин

Шефот на француската болничка федерација во петокот повика на воведување нов национален карантин за да се спречи ширењето на ковид-19.

Фредерик Валету, шеф на болничката федерација и градоначалник на Фонтенбло јужно од Париз, за Ел-се-и ТВ изјави дека ситуацијата во болниците засега е под контрола, но во многу области е „сериозно напната“.

Валету го изјави ова еден ден откако премиерот Жан Кастекс рече дека ситуацијата во земјата е „деликатна“, но и дека сè уште не е потребно ново затворање.

Кастекс рече дека стапката на ширење на инфекцијата значително не се зголемила во последните две недели, иако притисокот врз болниците е голем.

Но, неколку водечки француски лекари не се согласуваат со него.

Карине Лакомб, раководителка на одделот за инфективни болести во болницата Сент Антоан во Париз, рече дека нови мерки се „неизбежни“.

Франција минатата година воведе два национални карантини и во моментов е воспоставен еден од најстрогите полициски часови во светот, од 18 до 06 часот.

Кастекс истакна дека ова постепено воведување на построги ограничувања овозможило економијата да биде поотворена отколку во некои соседни земји.

Тој, сепак, предупреди дека не смее да се попушта и ги повика работодавците да им овозможат на работниците да работат повеќе од дома.