Авганистанските власти сакаа на земјоделците да им понудат алтернативен начин на заработка.
И така, наместо да одгледуваат мак, од кој се добива опиум, им нудат да се осврнат кон најскапиот зачин на светот.
Производството на шафранот оваа година во земјата порасна на рекордно ниво, околу 13 тони, соопшти Министерството за земјоделство. Официјалните цифри покажуваат дека производството на шафран се зголемило на 6.200 хектари во 2018 година, што е зголемување за 22 проценти во однос на минатата година.
Повеќе од 6.600 работници се обучени за производство, преработка и пакување на зачинот оваа година, се наведува во соопштението на владата.
-Земјоделците кои одгледуваат шафран имаа околу 17 милиони долари од продажбата на шафран, а 90 отсто од авганистанскиот шафран се извезува – се наведува во соопштението.
Деликатниот зачин со векови се користи во разни кујни и во производството на парфеми. Шафранот го нарекуваат и “црвеното злато’ бидејќи многумина се ослонуваат на неговото производство. Се продава и по цена од 1.500 долари за килограм на западните пазари.
-Почнуваме со работа на нивите пред изгрејсонце и секој од нас може да собере околу четири до пет килограми цвет од шафран – изјавил 16 годишниот Јома Кан, еден од 156.000 сезонски работници кои помагаат при собирањето на зачинот. Работниците заработуваат околу 1 долар на час.
Зачинот се извезува во 17 земји (главно во Кина, Индија и Персискиот залив, како и Европската унија и Северна Америка, според податоците на министерството за земјоделство).
Официјалните лица се трудат да ги одвикнат произведувачите од високо профитабилната трговија со опиум.
Одгледувањето на мак и понатаму покрива 263.000 хектари во Авганистан, што е речиси 90 отсто од светското производство на опиум.