Северна Кореја ги обвини САД дека поднеле гангстерски барања за нуклеарната програма на земјата. Со ова се демантирани тврдењата на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, кој рече дека постигнал напредок за клучните проблеми.
„САД предложија еднострани и гангстерски барања за денуклеаризацијата“, рекол портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Додал декa Помпео барал еднострана, комплетна, проверлива и неповратна денуклеаризација од Северна Кореја. И покрај ова, Министерството навело дека Северна Кореја и понатаму му верува на американскиот претседател, Доналд Трамп.
„И понатаму придаваме значење на довербата која ја имаме во претседателот Трамп“, се наведува во соопштението.
Помпео вчера ја заврши дводневната посета на Северна Кореја, а по разговорите со Ким Џонг-чол, висок функционер на Корејската работничка партија, рече дека е постигнат голем напредок во некои области.