Американскиот Сенат едногласно одобри 484 милијaрди долари дополнителна помош за американските компании и болници за борбата против корона вирусот.
Се очекува утре Претставничкиот дом на американскиот Конгрес да гласа за предлог-законот. Доколку истиот биде усвоен, тоа ќе биде четврти закон во САД за одговор на пандемијата.
Сите четири закони предвидуваат помош во износ од околу три билиони долари. Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Конгресот брзо да ја одобри мерката.
Предлог-законот усвоен од Сенатот предвидува 321 милијарди помош за програмата за заеми за малите фирми, 60 милијарди долари за програмата заеми при вонредни катастрофи, како и 75 милијарди долари за болниците и 25 милијарди долари за масовно тестирање на Ковид-19 на национално ниво.