Сенаторот Тед Круз изјави дека неговата одлука да замине на семеен одмор во мексикански Канкун, додека граѓаните на Тексас без електрична енергија се борат со „историската зимска бура“ била грешка поради која жали.
Тоа очигледно беше грешка и не би го повторил тоа, изјави Круз пред својот дом по враќањето во Хјустон, каде што незадоволните граѓани го дочекаа извикувајќи „оставка“.
Разбирам што луѓето се вознемирени, изјави Тед Круз, образложувајќи дека сакал да ги усреќи своите ќерки и да оди со нив на одмор, но заминувањето кога „голем број на граѓани на Тексас страдале од времето го натерале да го промени повратниот лет и да се врати со првиот достапен авион“.
Веста за патувањето на Круз се појави во средата навечер откако на социјалните мрежи започнаа да кружат фотографии од него и неговото семејство додека со куфери чекаат на аеродромот.
Со оглед на тоа што училиштата се затворени на една седмица, нашите ќерки сакаа да патуваат со пријателите. Во намера да бидам добар татко, синоќа одлетав со нив и се враќам денеска попладне. Јас и луѓето од мојот кабинет сме во постојан контакт со државните и локалните лидери за да сфатиме што точно се случува во Тексас, изјави Круз.
Целата ситуација ја искористија Демократите кои порачаа дека се огорчени од постапката на Круз, кој заминал да одмори во „топлиот Мексико“, додека милиони луѓе ширум Тексас се бореле без електрична енергија и греење, а исто така забележано е и пореметување на водоводот поради рекордно ниските температури.