Членовите на семејствата на оние кои починале од коронавирус во Италија преземаат законски чекори против премиерот, министерот за здравство, како и претседателот на регионот Ломбардија.
Тие ќе преземат законски чекори поради небрежност во справувањето со кризата предизвикана од пандемијата, пренесува Гардијан.
Членовите на семејствата на 500 починати поднеле граѓанска тужба во провинцијата Бергамо, која беше силно погодена за време на првиот бран на пандемијата. Тие тврдат дека тројцата водечки луѓе, Џузепе Конте, Роберто Сперанца и Атилио Фонтана, биле соучесници во смртта на речиси 70.000 луѓе кои починале од Ковид-19.
Во тужбата се бараат 259.000 евра за семејството на секој починат.
Во тужбата се наведува дека тројцата водачи се одговорни затоа што на крајот на февруари не ги ставија навреме во карантин градовите Алзано Ломбардо и Нембро и покрај препораките на научниците. Се тврди дека тие не го надградиле националниот план ниту го спровеле регионалниот што требаше да се направи, пренесува Индекс.
Адвокатот Консуело Локати, која ги застапува семејствата на починатите, бара 259.000 евра обештетување за секое семејство. Судската постапка беше иницирана од групата „Нои Денункремо“, која од март ги собира членовите на семејствата на починатите. Групата досега има поднесено околу 300 жалби до локалните власти како дел од истрагата што ја започна обвинителството во Бергамо во јуни, во детали за тоа како починале жртвите.
Локати појасни дека за време на истрагата, не биле идентификувани виновници или криминалци по претставките доставени до обвинителството. Но, таа додаде, дека истражувањето што го спровеле последните месеци довело до откривање на тоа кој е одговорен и тие одлучиле да покренат граѓанска постапка.
Таа рече дека властите се одговорни затоа што не ги почитуваат правилата.
„Според законот во Италија, потребно е да се има адекватен национален план, а регионалните власти мора да го спроведат регионалниот план според него. Не само што националниот план е застарен, туку воопшто не е тестиран за да се види дали работи. Италија е првата европска земја погодена од пандемијата. Планот во сила за пандемии во Италија датира од 2006 година“, рече Локати.