Свет 01. август 2018. / 16:47

Себастијан Курц: Не можам да замислам размена на територии

Себастијан Курц: Не можам да замислам размена на територии

Австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за сараевскиот весник „Дневни аваз“ изјави дека се надева дека наскоро ќе има „понатамошен напредок“ во дијалогот помеѓу Белград и Приштина и оти ги поддржува двајцата претседатели.

На прашањето дали верува дека до крајот на годината би можел да биде постигнат договор помеѓу Белград и Приштина и дали Австрија би прифатила размена на територии, Курц одговори:

– Ние поддржуваме секаков договор, кој ќе резултира со посилна соработка помеѓу земјите од Западен Балкан и повеќе стабилност во регионот… Размена на територии тешко можам да замислам, бидејќи регионот нема да биде постабилен ако и по многу години по вооружениот конфликт се обидуваме да ги поместиме границите, посочи Курц.

Тој додаде дека Западен Балкан за Австрија не е само центар на актуелното претседателствување со Советот на Европска унија туку со години е и суштински дел од австриската и европската надворешна политика.

– Сакаме во овој, за нас важен регион да заземе активна улога и за време на претседавањето одлучно да се заложиме за напредок на перспективите на земјите од Западен Балкан поврзани со ЕУ, истакна Курц.

Тој потенцира дека Западен Балкан е помеѓу петте приоритети на Австрија за време на шестмесечното претседавање со ЕУ.