Свет 26. јули 2020. / 20:20

Се зголемуваат шансите на Џо Бајден за победа на претседателските избори

Се зголемуваат шансите на Џо Бајден за победа на претседателските избори

Демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден од ден на ден ги зголемува своите шанси за победа против Доналд Трамп на претседателските избори во ноември, покажуваат речиси сите сериозни анкети во САД, објави „Си-Ен-Ен“.

На 100 дена пред претседателските избори анкетите покажуваат дека 29 проценти од испитаниците сметаат дека корона вирусот е најважниот проблем со кој се соочуваат САД, додека речиси половина помалку од анкетираните веруваат дека економијата е најважното национално прашање.

Фактот дека Американците го перцепираат корона вирусот, а не економијата како најважно национално прашање покажува дека претседателот Трамп во моментов се соочува со сериозен проблем.

Аналитичарите, сепак, сметаат дека шансите за победа на Трамп би можеле повторно да се подобрат доколку се подобри и епидемиолошката состојба во земјата.

Во овој момент подобро е да сте Џо Бајден отколку Доналд Трамп, но изборната трка се уште е далеку од завршена – заклучуваат од „Си-Ен-Ен“.