Тим истражувачи од универзитетот во Жеџанг во Кина вели дека постојат десетици мутации од новиот коронавирус. Најопасните, велат тие, се забележани во Кина, а слични мутации се шират и низ цела Европа, пренесува South China Morning Post.
Послаби секвенци на овој вирус се забележани во Америка. Истражувањето го пренесува порталот Убавина и здравје.
Научниците велат дека постои тип А, кој е оригиналниот вирус што е пренесен од лилјаците на луѓето. Овој тип не бил најчест во Кина, што изненади многумина. Во Кина, велат научниците, најмногу се проширил коронавирус од типот Б.
Тип А засега е најдоминантен во Австралија и Америка. Две третини од тестираните Американци се заболени од вирус тип А. Д-р Питер Форстер вели дека вирусите од типот Б се вообичаени во Англија и дека три четвртини од вкупно тестираните пациенти се заболени токму од тој тип вирус. Покрај тоа, тип Б доминира и во Швајцарија, Германија, Франција, Белгија и Холандија.
Типот Ц е „ќерка” на типот Б и истиот дошол во Европа преку Сингапур, велат научниците. Тип Ц ја погоди и Италија.
Научниците веруваат дека вирусот SARS-CoV-2 константно мутира за да се приспособи на различните имунолошки системи. Она што досега го заклучиле е дека Америка е погодена од најслабиот вид на вирус, додека, пак, потешкиот и смртоносен најмногу ја погоди Европа.