Колку е поблиску вакцинацијата против Ковид-19, по се изгледа, дека толку Французите помалку сакаат да се вакцинираат: само половина од испитаниците во ноември имаат намера да го сторат тоа, наспроти две третини во јули, покажуваат официјалните податоци објавени од Јавното здравство на Франција, јави дописникот на МИА.
–Во ноември 2020 година, само половина од анкетираните (53 отсто) одговорија дека сигурно или веројатно сакаат да се вакцинираат против Ковид-19. Овој резултат е намален во споредба со месец јули кога 64 отсто изјавија дека имаат намера да го сторат тоа, пишува здравствената агенција во своето неделно ажурирање.
Овие податоци доаѓаат од истражувањето „КовиПрев”, анкети кои редовно ги спроведува Јавното здравство на Франција кај примерок од 2.000 возрасни лица во континентална Франција. „Мажите и постарите луѓе се поподгтвени да се вакцинираат”, продолжува Јавното здравство Франција. Меѓу оние над 65 години, особено висока ризична категорија, три четвртини (72 отсто) од испитаниците одговориле дека „сигурно или веројатно” ќе бидат вакцинирани. Но, само една третина (33 отсто) од 25-34 години имаат намера да го сторат тоа (во споредба со 46 отсто од 18-24 годишна возраст, 47 отсто од 35-49 годишна возраст и 58 отсто од 50-64 годишна возраст).
–Во јули 2020 година, меѓу 728 лица (36 отсто) од оние кои не сакаа да се вакцинираат, најчесто како причина наведувале: новите вакцини не се безбедни (67 отсто); Претпочитам други средства за превенција, како што се гестови на бариера (33 отсто); Јас сум против вакцинацијата воопшто (18 отсто)”, според здравствената агенција, која не ги прецизира причините наведени во испитувањето од ноември. Покрај тоа, повеќе од две третини (68 отсто) од либералните здравствени професионалци сакаат да бидат вакцинирани. Меѓутоа, постојат „значителни разлики меѓу професиите”: 8 од 10 општи лекари и фармацевти имаат намера, наспроти 55 отсто од испитаните медицински сестри. Покрај тоа, 88 отсто од анкетираните либерални здравствени професионалци би ги советувале своите пациенти да се вакцинираат против Ковид.
Владата ги даде првите детали за кампањата за вакцинација во Франција во четвртокот вечерта. Таа ќе се одвива во три фази, почнувајќи од жителите на домовите за стари лица од почетокот на следниот јануари, пред постепено да се прошири на целото население.
–Дури и пред да се имунизираме од коронавирусот, прво мора да се имунизираме од стравот, подвлече министерот за здравство, Оливие Веран.
-Јас се обврзувам во текот на целата кампања за вакцинација да осигурам дека ќе демонстрираме најголема транспарентност за ефикасноста на вакцината, прифатливоста на населението, еволуцијата на научни и медицински препораки, практичната организација на кампањата, евентуални непожелни ефекти, без разлика дали се сериозни или благи, инсистираше тој.