47 мигранти во неделата пристигнале на Лампедуза, остров јужно од Сицилија, а тоа го разлути италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини.
Мигрантите пристигнале со помош на брод изнајмен од страна на германската невладина организација “Sea Watch”, а пловел под холандско знаме. Набрзо потоа бродот бил запленет од страна на италијанската финансиска полиција по налог на сицилијанскиот државен обвинител.
Мигрантите биле превезени на копно од споменатиот брод, а Салвини кој воедно е и потпретседател на Италија, за тоа дознал од медиумите, па јавно праша кој би можел да донесе една таква одлука која се коси со неговите инструкции.
Додека во владата се расправаат за време на кампањата за европските избори, во неделата навечер во Фиренца полицијата се судри со 2 илјади луѓе кои пристигнале да протестираат против пристигнгувањето на Салвини кој во градот одржувал предизборен митинг.
Инаку, неодамна Матео Салвини предложи нацрт закон според кој организациите за спасување на бегалците во водите на Средоземното море, ќе мора да платат и до 5,500 евра за секој спасен мигрант.
Според нацрт законот кој најпрвин мора да биде одобрен од италијанската влада, по што станува декрет кој ќе биде испратен на гласање во италијанскиот парламент, во случај на италијанските бродови да се најдат бегалци кои се спасени на море, тие бродови би можеле да останат и без својата лиценца за работа, а за секој спасен мигрант ќе следува казна.
Поради ова, реагираше високиот претставник на Обединетите нации за човекови права кој испрати писмо до италијанското министерство за надворешни работи, барајќи да не биде одобрен овој нацрт закон.