Свет 06. мај 2018. / 22:40

Сакала да живее слободно: Исчезна принцезата на Дубаи

Сакала да живее слободно: Исчезна принцезата на Дубаи

Human Rights Watch ја повика владата на Дубаи да открие каде се наоѓа принцезата Шеика Латифа.

Се верува дека ќерката на владетелот на Дубаи во март се обидела да избега во странство со цел да живее послободно отколку дома.

Очевидци тврдат дека луксузната јахта со која отпатувала била запрена крај индискиот брег и дека принцезата била вратена дома. Оттогаш не е видена во јавноста, објави Би-би-си во саботата.

Властите на заливскиот емират истакнуваат дека од правни причини не можат да ги коментираат овие наводи.

Шеика Латифа, ќерка на шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, била киднапирана кога се обидела да избега од земјата.

Би-би-си пишува дека во тоа всушност ѝ помогнале поранешен француски шпион и инструктор по боречки вештини од Финска.

HRW во саботата објави дека властите мора да откријат каде се наоѓа принцезата и да го објаснат нејзиниот статус.

„Ако не се откријат нејзината локација и статус, би можело да се работи за насилно исчезнување“, рече меѓународната организација.

„Шеика Латифа, којa на пријателите им рекла дека сака да избега од ограничувањата наметнати од нејзиното семејство, не е видена цели два месеци, што предизвика загриженост за нејзината безбедност и состојба“, додаде ХРВ.

Организацијата со седиште во Лондон соопшти дека Латифа била запрена на 4 март, околу 80 километри од индискиот брег.

Властите во Дубаи за Би-би-си рекле дека ова го тврдат луѓе со криминално потекло.