Свет 24. април 2020. / 20:45

САД предупредува на употребата на лекот за маларија против Ковид-19

САД предупредува на употребата на лекот за маларија против Ковид-19

Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) во петокот предупреди да не се препишува лекот хидроксихлороин на пациенти со Ковид-19 надвор од болничките установи или клинички испитувања.

Лекот, антималаричен, постојано беше споменуван од претседателот Доналд Трамп како можен третман на корона вирусот.

– ФДА е свесна за извештаите за сериозни проблеми со ритамот на срцето кај пациенти со Ковид-19 третирани со хидроксихлорокин или хлорохин, често во комбинација со азитромицин, напиша ФДА на својата веб-страница.

Од Агенцијата додаваат дека се свесни за зголемена употреба на овие лекови кои на болните им се препишуваат амбулантски и оттука ги потсетуваат здравствените работници и пациентите за познатите ризици поврзани со овие лекарства.

Агенцијата соопшти дека хидроксихлорокинот сè уште може да се користи во болнички места или во клинички испитувања, но не е јасно дали ќе бидат стопирани некои планирани испитувања.

Кардиолозите веќе со недели апелираат за ризици по срцето од употреба на хидроксихлорокин, велејќи дека лекот може да биде смртоносен кај мал број пациенти кои се подложни на срцеви заболувања.

Хидроксихлорокин, и сродното соединение наречено хлорохин, е лек што се користи со децении. Се употребува за лекување на маларија, како и одредени автоимуни заболувања, вклучувајќи лупус и ревматоиден артритис.

Ентузијазмот за неговиот потенцијал како третман на корона вирусот започна да се гради во март, кога една француска студија сугерираше дека хидроксихлорокин плус азитромицин (антибиотикот познат како З-Пак) може да има корист кај пациенти со Ковид-19. Списанието што ја објави француската студија, сепак, подоцна рече дека статијата не ги исполнува нивните очекувани стандарди.