Вашингтон планира да го укине правото за безвизно патување во САД за унгарските граѓани откако беше откриено дека лица со унгарски пасоши влегле на американска територија под друго име.
„Вашингтон пост“ и унгарскиот портал „Директ 36“ објавија дека поради пропусти во унгарскиот систем за издавање на пасоши во Унгарија нарушена е безбедноста.
Од 2011 година повеќе од еден милион луѓе добиле унгарско државјанство благодарение на процесот на натурализација, воведен од Владата на Виктор Орбан. Поголемиот број на луѓе кои добиле унгарско државјанство се припадници на унгарското малцинство во соседните држави на Унгарија.
Според документ на американското Министерство за внатрешна безбедност околу 700 лица кои не се Унгарци со измама добиле валидни унгарски пасоши. Триесетина луѓе со такви пасоши и покрај напорите на американското Министерство се уште не беа откриени до крајот на октомври. Се претпоставува дека тие се исламистички терористи и руски шпиони кои купиле такви пасоши.
Унгарија била предупредена дека може да биде исклучена од Програмата за безвизно патување, ако не го реши проблемот со фалсификувани документи.