Свет 14. јули 2018. / 12:23

САД обвинија 12 руски шпиони за хакирање на изборите во 2016 година

САД обвинија 12 руски шпиони за хакирање на изборите во 2016 година

Големата порота на САД вчера обвини 12 руски разузнавачки службеници поради хакирање поврзано со претседателските избори во 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).

Според обвинението кое се состои од 30 страници, лицата работеле за две единици во Главната разузнавачка управа во Русија (GRU).

Заменикот-јавен обвинител Род Росенштајн, за новинарите рече дека една од единиците на Главната разузнавачка управа работела со цел да се здобие со информации по илегален пат, додека другата ги ширела украдените информации преку две онлајн-лица: „Guccifer 2.0“ и „DCLeaks“.

Во обвинението се влучени 11 кривични обвиненија и посебно тврдење за одземање кое произлегува од хакирањето од страна на волонтерите и вработените на тогаш претседателската кампања на демократската кандидатка Хилари Клинтонн, како и на компјутерската мрежа на Демократскиот национален комитет (DNC).

„Интернет им овозможува на странските непријатели да ја нападнат Америка на нови и неочекувани начини“, рече Росенштајн, кој додаде: „Слободните и фер избори се тешки и спорни. Секогаш ќе има непријатели кои ќе работат на влошување на домашните разлики и кои ќе се обидат да нè збунат, поделат и покорат.“

Обвиненијата се издадени како дел од тековната истрага на специјалниот советник Роберт Мулер во врска со наводните напори на Русија да ја контролира изборната трка во 2016 година во корист на претседателот Доналд Трамп и можна соработка во неговата кампања.

Обвинението кое беше издадено вчера не потврдува каква било соработка меѓу кампањата на Трамп и напорите за хакирање на Русија.

Пред ова објавување, 20 лица и три компании беа обвинети како дел од истрагата на Мулер, која Трамп категорично ја исмева како „лов на вештерки“.

Хакирањето на кампањата на Клинтон започна во март 2016 година, вклучувајќи огромна кампања на онлајн-измама, со цел работниците во кампањата на Клинтон да бидат измамени и да се откажат од нивните кориснички имиња и лозинки.

Во јули 2016 година се случи одвоен инцидент со хакирање на лични податоци од 500.000 гласачи на Државниот изборен одбор.