САД немаат изработено временска рамка за повлекување на своите војници од Сирија, но не ни планираат да останат во оваа земја неограничено, изјави денеска висок претставник на американскиот Стејт департмент.
– Немаме временска рамка за повлекување на нашите воени сили од Сирија- изјави претставникот на Стејт департментот во пресрет на турнејата на американскиот државен секретар Мајк Помпео низ Блискиот Исток, предвидена за идната недела.
Тој нагласи и дека САД немаат намера да воспостават „неограничено воено присуство во Сирија“.
– Претседателот донесе одлука да се повлечеме и токму сега ги формулираме плановите за тоа- додаде неименуваниот претставник на Стејт департмент.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец донесе одлука за повлекување на сите американски војници во Сирија и за делумно повлекување на силите на САД од Авганистан.