Соединетите Американски Држави одбија да му издадат виза на иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф кој требаше да присуствува на седница на Советот за безбедност во ОН во Њујорк.
Тензиите во односите меѓу двете земји растат откако минатата недела САД во Багдад ликвидираа еден од најмоќните ирански воени команданти Касем Сулејмани.
Врз основа на договорот од 1947, кој го регулира пристапот до седиштето на Обединетите нации во САД, земјата е обврзана да им овозможи пристап на странските дипломати, но Вашингтон тврди дека може да одбие издавање виза од безбедносни и надворешниполитички причини, или проади опасност од тероризам.
Американското министерство за надворешни работи одби да го коментира случајот, како и ОН, а иранската мисија во Обединетите нации кажа дека видела медиумски извештаи за тоа, но не добила никакви информации ни од САД, ни од ОН за визата на Зариф.
Патувањето на Зариф било планирано пред убиството на Сулејмани.
Седницата на Советот за безбедност на ОН би му овозможила на Зариф да ја употреби глобалната сцена за критикување на САД околу ликвидацијата на генералот.
Иранскиот амбасадор во ОН Маџид Такт Раванчи го опиша убиството како „очигледен пример на државен тероризам и злосторство кое претставува тешко кршење на основните приницпи на меѓународното право вклучувајќи ја особено Повелбата на Обединетите нации“.
Седницата на Советот за безбедност на која на Зариф му е оневозможено да присуствува е посветена на Повелбата на ОН.