Специјалниот претставник на американското МНР за Иран, Брајан Хук, изјави дека заканите што ги искажува Иран по убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани, само дополнително ќе ја изолираат земјата.
Ваквата изјава доаѓа откако иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, најави дека нивната борба би можела да излезе од границите.
Ајатолахот Хамнеи во Техеран, првпат од 2012 година, ја водеше петочната молитва и повика на единство на нацијата.
Хамнеи го нарече американскиот претседател, Доналд Трамп, „кловн“ кој се преправа дека го поддржува иранскиот народ, но ќе му забие отровен бодеж во грб.
Хамнеи додаде дека искажувањето тага на погребот на иранскиот генерал Сулејмани, кој беше убиен во американски воздушен напад, покажало дека Иранците ја поддржуваат Исламска Република. Хамнеи оцени дека САД кукавички го убиле најефикасниот борец против Исламска држава.
По атентатот врз Сулејмани, Иран ракетираше две воени бази во Ирак, каде што се распоредени и американски војници.
Ајатолахот Хамнеи (80) ја извршува должноста од 1989 година и го има последниот збор во сите главни одлуки.