Свет 14. јануари 2020. / 11:45

Руски хакери се обиделе да ја нападнат компанијата за која работел синот на Бајден

Руски хакери се обиделе да ја нападнат компанијата за која работел синот на Бајден

Руските воени хакери се обиделе да украдат електронска пошта од украинската енергетска компанија во чија управа извесно време бил и Хантер Бајден, син на демократскиот кандидат за претседателските избори Џо Бајден, соопшти вчера американска фирма за компјутерска безбедност.

Енергетската компанија „Бурисма холдингс лтд.“ беше во центарот на настојувањата на американскиот претседател Доналд Трамп, кога минатиот јули тој се обиде да изврши притисок врз украинските власти да го испитаат Бајден за наводна корупција.

Поради тоа против него беше покренато и обвинение за злоупотреба на службената должност и опструирање на Конгресот, со цел Трамп да се отповика од функцијата.

Компанијата „Ареа 1 обезбедување“ со седиште во Калифорнија го детектирала хакирањето на „Бурисма“ и истото го поврзала со главниот руски оддел за воено разузнавање, ГРУ.

Истата хакерска група во поупатените кругови позната како „Фенси мечка“, во 2016 година го хакираше Демократскиот национален комитет, како дел од операцијата што американските иследници ја оквалификуваа како обид за нарушување на изборите во САД.

Може да видите дека нападот навистина започнува паралелно со она што се случуваше во 2016 година, изјави извршниот директор на „Ареа 1“, Орен Фалковиц.

Извори блиски до компанијата „Бурисма“ за Ројтерс изјавиле дека во изминатите шест месеци повеќе пати имало обиди да се хакира веб-страницата на компанијата, но не дале повеќе детали.

„Ареа 1“ соопшти дека засега не е јасно какви информации сакале да ги украдат хакерите.

Упадот во системот за кореспонденција на украинската компанија би можел да даде увид во пораките испратени или примени од Хантер Бајден, или пак во пораки во врска со него. Хантер беше на чело на компанијата меѓу 2014 и 2019 година.

Објавувањето на овој вид на украдени податоци потенцијално би можел да влијае на процесот на американските претседателски избори закажани за ноември годинава.