Нуриел Рубини, економскиот „пророк“ кој во 2006 година предвиде дека ќе дојде до големата криза во 2008 година, е убеден дека се приближуваме кон нова глобална катастрофа.
Во коментар за Project Syndicate овој популарен аналитичар ги посочи сите проблеми и констатира дека “се зголемува ризикот од глобална рецесија и кризи во сеуште фрустрираното стопанство”.
Причините за потенцијалната рецесија што треба да се случи во 2020 година, рече тој, во голема мера се поврзани со американската надворешна политика и трговска војна која ја поттикнува претседателот Трамп и непосредната закана од стагфлација – комбинација од зголемената инфлација и бавниот раст.
Според него, неизвесноста почнува да се реализира со тековната ескалација на тензиите меѓу САД и Кина во трговијата и технологијата, што во голема мера ја зголемува веројатноста за глобална рецесија.
Додека трговските војни и потенцијалните нафтени шокови претставуваат ризик на страната на понудата, тие исто така ја загрозуваат агрегатната побарувачка, а со тоа и растот на потрошувачката, бидејќи царините и повисоките цени на горивото го намалуваат расположливиот доход”, рече тој. “Со толку неизвесност, компаниите веројатно ќе одлучат да ги намалат капиталните трошоци и инвестициите, додаде тој.
Рубини смета дека е поверојатно дека Федералните резерви, како и другите големи централни банки, ќе ги намалат каматните стапки како одговор на претстојната економска криза.
Сепак, промените во политиката на централната банка нема да бидат доволни за да се спречи глобалната рецесија, рече тој, како што беше случајот со “големата рецесија” од 2009 година.
Во такви околности, доволно сериозен шок може да предизвика глобална рецесија, без оглед на тоа што прават главните централни банки, предупреди Рубини.