Свет 22. септември 2018. / 10:03

Рохани: Америка ќе доживее иста судбина како и Садам Хусеин

Рохани: Америка ќе доживее иста судбина како и Садам Хусеин

Претседателот на Иран Хасан Рохани изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, нема да ја оствари својата цел во однос на Иран, исто како што не успеал и Садам Хусеин, објави Ројтерс.

Рохани го изјави ова алудирајќи на војната меѓу двете блискоисточни сили и вети дека Техеран нема да ги напушти своите проектили.

„Истото ќе му се случи и на Трамп. Америка ќе ја доживее истата судбина како и Садам Хусеин“, изјави Рохани во говорот што е пренесуван во живо на иранската државна телевизија по повод годишнината од почетокот на иранско-ирачката војна, која траела од 1980 до 1988 година.

„Иран нема да се откаже од своето одбранбено оружје… вклучувајќи ги и нашите проектили поради кои Америка е толку лута“, додаде Рохани.