Свет 21. април 2020. / 09:51

Рибарите и земјоделците во ЕУ ќе добијат итна помош за да ја преживеат кризата

Рибарите и земјоделците во ЕУ ќе добијат итна помош за да ја преживеат кризата

Европската Унија одобри итни кризни мерки за помош на земјоделците и рибарите погодени од кризата со корона вирусот во ЕУ.

Поради здравствената криза и затворањето на внатрешните граници на Унијата, земјоделскиот и рибарскиот сектор се посебно погодени, пред сѐ поради недостатокот од работна рака.

Земјоделскиот и рибарскиот сектор во голем дел зависи од сезонски работници во одредени периоди од годината. Иако овие работници имаат право да патуваат преку границите и за време на кризата, бидејќи Европската Комисија ги смета за критично важни, голем дел од нив одбиваат да патуваат поради страв за своето здравје. Секторите се силно погодени и поради падот на потрошувачката.

Европската Унија одобри серија итни мерки за помош на рибарите и земјоделците за време на кризата како посебна поддршка за оние кои се наоѓаат привремено без работа и приходи поради корона вирусот како и олабавување на одреден број контролни механизми за пристап до фондови, зголемување на авансот од земјоделските фондови и одложување на роковите за апликација за помош.