Поддршката од претседателот Доналд Трамп за Саудиска Арабија отвори надворешнополитички јаз во Републиканската партија, откако некои од неговите колеги предупредија дека неказнувањето на кралството за неговата улога во убиството на американскиот колумнист ќе има опасни последици.
Многу републиканци, дури и сенаторите Линдзи Греам и Ранд Пол, кои имаат ист став во врска со ова прашање како и претседателот, ја осудија одлуката на Трамп да не му наметнува построги казни на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман поради убивањето и распарчувањето на Џамал Кашоги во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Сенаторот Боб Коркер, републиканскиот претседател на влијателниот комитет за надворешни односи на Сенатот, во средата изјави дека е „изненаден“ од изјавата на Трамп и ја поврза со едно соопштение за печатот за Саудиска Арабија.
-Деликатна ситуација е кога имаме долгогодишен сојузник што го имаме со децении, но имаме принц-наследник за кој верувам дека наредил да се убие новинар- изјави Коркер во својата матична држава Тенеси. „Ние немаме непобитен доказ. Сè укажува на фактот дека тој знаел за тоа и го наредил“.
Државниот секретар Мајк Помпео ја бранеше одлуката на Трамп, велејќи дека САД веќе санкционирале 17 саудиски функционери осомничени за вмешаност во убиството на колумнистот на Вашингтон пост, кој го критикуваше кралското семејство.
„Ние санкциониравме 17 лица – некои од нив се многу високи функционери во саудиската влада“, изјави Помпео во Канзас Сити, Мисури. „Ќе се погрижиме Америка секогаш да се залага за човековите права“.
Греам, пак, не е убеден во тоа. „Кога го губиме нашиот морален глас, ја губиме нашата најсилна алатка“, рече тој.
Членови на двете партии го обвинија Трамп дека ги игнорирал американските разузнавачи, кои, според еден американски функционер, заклучија дека најверојатно принцот-наследник го наредил убиството. Неколку пратеници посочија дека САД немаат цврст доказ дека тој е одговорниот, но ги повикаа ЦИА и другите главни разузнавачки агенции јавно да го споделат она што му го кажале на претседателот за убиството.
Во вторникот Трамп тврдеше дека казнувањето на Саудиска Арабија со тоа што „будалесто ќе ги откажете“ договорите за продажба на оружје во вредност од милијарди долари за САД ќе им биде од корист само на Русија и на Кина. Критичарите, меѓу кои и високи функционери од други земји, го обвинија Трамп дека ги игнорира човековите права и ѝ простува на Саудиска Арабија од економски причини.
Тоа е „Прво Америка“, рече Трамп.
Тоа во средата предизвика твит од демократската пратеничка Тулси Габард од Хаваите, која напиша: „Да се биде роб на Саудиска Арабија не е ‘Прво Америка’“.
Трамп рече и дека на САД им треба помошта од Саудиска Арабија за да му се спротивстави на Иран во регионот, да се бори против екстремизмот и да ги одржи стабилните цени на нафтата. САД, Русија и Саудијците го зголемија производството на нафта во очекување на нагло намален извоз од Иран поради американските санкции, кои беа вратени откако Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран.
Трамп во средата јавно ѝ се заблагодари на Саудиска Арабија за падот на цените на нафтата. Сепак, ОПЕК, картелот на земјите што произведуваат нафта, на 6-тиот состанок во Виена може да објави намалување на производството, што ќе ги вивне цените.
-Благодарност до Саудиска Арабија, но ајде да одиме уште пониско!- напиша тој од својот клуб Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, каде што го поминува Денот на благодарноста.
Критиките кон претседателот, најверојатно, ќе продолжат по празникот, кога пратениците ќе се вратат на Капитол Хил во почетокот од следната недела.
-Конгресните републиканци ќе мора да се преиспитаат- рече Џон Алтерман, директор на програмата за Блискиот Исток во Центарот за стратегиски и меѓународни студии. –Републиканската партија повеќе од 50 години верува дека моралот е една од причините зошто Соединетите Држави победија во Студената војна. А претседателот отстапи од тоа-
Некои пратеници веќе возвраќаат со борба. Дваесет и двајца членови на Сенатот – 11 републиканци и 11 демократи – покренаа истраги во врска со смртта на Кашоги, и конкретно за тоа дали е одговорен принцот-наследник. Истрагите беа побарани според одредбите на Светскиот акт за одговорност за човековите права Магнитски.
Актот бара претседателот да поднесе извештај до Комитетот за надворешни односи на Сенатот во рок од 120 дена – во овој случај до 7 февруари – за тоа дали принцот-наследник е одговорен за вонсудски убиства, тортура или друго грубо кршење на меѓународно признаените човекови права против индивидуално остварување на слободата на изразување и одлуката на администрацијата за тоа дали се наложени санкции.
Покрај тоа, тројца демократи и тројца републиканци, кои велат дека санкциите (кои вклучуваат забрана за патување во САД) воведени досега не се доволни, предложија закон за одговорност на Саудиска Арабија и за Јемен од 2018 година. Меѓу другото, законот предвидува суспендирање на продажбата на оружје во Саудиска Арабија и наметнување задолжителни санкции за сите оние што се одговорни за смртта на Кашоги и оние што го блокираат хуманитарниот пристап до Јемен.
Очекувано е демократите да се против претседателот, но на Трамп ќе му биде потешко да го игнорира републиканскиот бес.
Пред да замине на празникот, Пол му се жалеше на Асошиејтед прес дека Трамп не го прифатил советот што го добил од него и од Греам – двајца републиканци што често се противат на надворешната политика.
Греам изјави дека принцот-наследник е „неразумен“ и „нестабилен“ и предупреди дека ќе има силна, двопартиска поддршка во Конгресот за построги санкции против Саудиска Арабија и членови на кралското семејство.
Пол обично е против американски интервенции во странство, но смета дека смртта на Кашоги е една од долгата серија малигни активности на Саудиска Арабија, кои кулминираат со војната во соседен Јемен, каде што во воздушните напади на Саудиска Арабија се убиваат цивили.
„Тој нè слушна и мене и Линдзи Греам – две различни страни од надворешнополитичкиот спектар – а сепак го добиваме ова“, рече Пол за изјавата на Трамп за поддршка на Саудиска Арабија. „Навистина мораме да го преиспитаме ова што го правиме“.