Некои републикански конгресмени го критикуваа неподдржаното тврдење на претседателот Доналд Трамп дека демократите се обидуваат да ги „украдат“ изборите, велејќи дека коментарите на Трамп го поткопуваат политичкиот процес на САД и општоприфатеното мислење дека на сите Американци треба да им се изброи гласот.
Трамп, кој со недели се жалеше на гласачките ливчиња по пошта, ескалираше со своите обвинувања доцна во четвртокот, велејќи дека процесот на пребројување на гласачките ливчиња е неправеден и корумпиран. Трамп не ги поткрепи своите тврдења со никакви детали или докази, а државните и федералните власти не пријавија никакви случаи на широко распространета измама на гласачите.
Адам Кинцингер, републиканец од Илиноис, објави на Твитер дека тврдењата на претседателот за измама „стануваат луди“. Ако Трамп е „легитимно“ е загрижен за измама, тоа треба да се темели на докази и тие да бидат изведени пред суд, рече Кинцингер, додавајќи: „СТОП за ширење дезинформација“.
Гувернерот на Мериленд, Лери Хоган, потенцијален претседателски кандидат за 2024 година, кој честопати го критикуваше Трамп, недвосмислено рече: „Нема одбрана за коментарите на претседателот кои го поткопуваат нашиот демократски процес. Америка ги брои гласовите и ние мора да ги почитуваме резултатите како и секогаш досега “.
„Ниту еден избор или личност не е поважна од нашата демократија“, напиша Хоган на Твитер.
Други критики, иако помалку директни, доаѓаа од членовите на Конгресот. Сенаторот Марк Рубио, републиканец од Флорида, кој зборуваше на неодамнешниот митинг на предизборната кампања за Трамп, со твит порача дека ако некој кандидат верува дека „некоја држава ги крши изборните закони, има право да го оспори тоа на суд и да даде докази во прилог на таквите тврдења .”
Рубио претходно рече: „Да одвоите денови за да броите законски дадени гласови НЕ е измама. А судските оспорувања за гласовите дадени по законскиот рок за гласање НЕ е притисок“.
Сенаторот Мит Ромни,претседателски кандидат на партијата во 2012 година рече дека броењето гласови е често „долго“ и „фрустрирачко“.Ако се тврдат какви било неправилности, „тие ќе бидат испитани и конечно решени пред судовите“, објави Ромни. „Верувајте во демократијата, нашиот Устав и американскиот народ“.
Коментарите на републиканските законодавци и другите лидери на оваа партија беа ретки, јавни укори кон Трамп, кој бараше – и генерално доби – лојалност од сограѓаните републиканци во текот на неговиот четиригодишен мандат. Повеќето се мачат да избегнат директно критикување на Трамп, дури и кога сметаат дека неговото однесување не помага или е навредливо за нивните вредности и цели.
Твитовите на Трамп во четвртокот, прогласувајќи победа и повикувајќи ги службениците да запрат со броењето беа тест за тоа колку силно може да ги задржи републиканците на неговата линија додека се обидува да го оспори процесот на гласање на суд.