Австриската влада вчера донесе одлука за реформа на социјалниот систем во Австрија која пред сѐ предвидува намалување на повластиците за големите семејства и странците, пренесе МКД.мк.
„Ние мора итно да донесеме мерки кои нашиот социјален систем ќе го направат поправеден и на начин повторно повеќе да се исплати да се работи отколку да се прима помош, а пред сѐ мора да го сопреме вселувањето во нашиот социјален систем“, изјави на прес-конференција австрискиот канцелар Себастијан Курц по седницата на десничарската влада.
Така во иднина граѓаните на Европската Унија дури по пет години престој ќе стекнат право на социјална помош. Досега граѓаните на ЕУ имаа право на помош во случај нивните примања да не го достигнуваат основното финансиско ниво од 863 евра.
„Од 2012 година бројот на приматели на социјална помош се зголеми за 60 отсто. Особено е страшно ако анализираме како во Австрија се распоредени примателите на помошта: над 50 отсто живеат во Виена, а од тоа над 50 отсто се странски државјани“, кажа Курц.
Од исплатата на основното финансиско ниво, при што во таа сума е вклучена и субвенција за кирија, 300 евра во иднина ќе бидат врзани со одредени услови кои австриските медиуми ги доживуваат како дискриминација на странците.
Услов за примање на тој дел од помошта е завршено австриско основно училиште или минимално познавање на германскиот јазик на ниво Б1 или англиски јазик на ниво Ц1. Овој услов се воведува и за оние кои веќе примаат социјална помош.
Австриската агенција АПА смета дека оваа мерка може да се коси со законите на ЕУ според кои поднесувачите на барање за азил имаат право на еднаква социјална помош како и остатокот од населението.
Намалување на средствата е предвидено и за семејствата со повеќе деца, при што помошта за првото дете останува на исто ниво како досега, но веќе за второто помошта драматично се намалува, што, според првичните реакции, во практика е насочено токму против многубројните доселенички семејства.
Австриската влада по стапувањето на власт кон крајот на минатата година најави ограничувања при доселувањето и воведување мерки кои Австрија ќе ја направат „помалку атрактивна“ за емигранти.