Свет 16. мај 2019. / 22:24

Реал Мадрид со ново засилување

Реал Мадрид со ново засилување

Реал Мадрид ја имаше најлошата сезона во последните три децении, не освои ниту еден трофеј и тоа е знак претседателот Флорентино Перез и тренерот Зинедин Зидан да тргнат во реновирање на тимот. Најавено е доаѓањето на неколку нови ѕвезди, пред се Еден Азар, Пјер – Емерик Обамејанг и Кристијан Ериксен од Премиер – лигата, а прв најверојатно ќе потпише српскиот интернационалец Лука Јовиќ.

Напаѓачот на Ајнтрахт Франкфурт ќе пристигне на „Сантијаго Бернабеу“ за сума од 60 милиони евра, а треба да потпише шестгодишен договор со „кралскиот клуб“.

Лука Јовиќ оваа сезона во Бундес-лигата постигна 17 гола во дресот на Ајнтрахт Франкфурт.

Мадридски „АС“ на крајот на минатиот месец излезе со ексклузива поврзана за Лука Јовиќ, а сега угледниот телевизиски сервис „Скај Германија“ ја потврди оваа вест, со тоа што излезе и со надополнување за тоа колку ќе заработува сензацијата во Бундеслигата како член на „кралскиот клуб“.

Српскиот напаѓач е вистинско откровение на сезоната во германскиот фудбал и со своите брилијантни изданија го сврте вниманието на себе, а иако првично се чинеше дека Барселона е во пол позиција, на крајот Реал ги искористи добрите врски со Ајнтрахт Франкфурт и брзо постигна договор. „Скај Германија“ потврди дека трансферот на напаѓачот кој треба да се официјализира во најскоро можно време ќе изнесува 60 милиони евра, а Јовиќ преку своите агенти си договорил и бруто плата од 10 милиони евра по сезона за петгодишниот престој на „Бернабеу“.

Сите најави велат дека Јовиќ ќе биде второто летно засилување на Реал по Милитао од Порто, а планот на Реал Мадрид е да ја соопшти зделката во текот на наредната недела.