Шпанската и француската полиција разбија криминална мрежа со седиште во Амјан, на северот на Франција, за која се сомнева дека организирала пристигнување на стотици Палестинци во Европа преку лажни барања за азил, соопшти денес шпанската полиција.
Во тие две земји се уапсени девет лица, меѓу кои и наводниот шеф на групата, во операција која се водела во соработка со европската агенција Јуропол, се додава во соопштението.
Во Шпанија се уапсени пет, а во Франција четири лица. „Главната оперативна база“ на мрежата била во Амјен, истакна полицијата.
Се проценува дека мрежата од јануари организирала доаѓање со авиони на околу 1.200 Палестинци од Блискиот Исток преку Боливија во Мадрид, каде предавале „лажни барања за азил“.
„Наместо да ја продолжат управната постапка во врска со барањата за азил, организацијата со комби ги превезувала во Белгија и Германија“, се вели во соопштението.
Мрежата наплаќала околу 8.000 евра по човек за изработка на лажни патни документи за палестинските бегалци во Либан и за организација на патувањето. Нејзината заработка се проценува на најмалку 9 милиони евра.
Шпанската полиција ја отворила истрагата откако забележала зголемување на бројот на Палестинци кои барале азил на мадридскиот аеродром.