Се стравува дека во поплавите и одроните на земјиштето во југозападна Јапонија, загинале повеќе од 140 луѓе. Поради катастрофалното невреме во земјата, јапонскиот премиер Шизно Абе го откажа патувањето во странство.
Засега се потврдени 134 загинати, а се трага по уште седум за кои се стравува дека се мртви, пренесува Ројтерс. На подрачјето на Хирошима, кое е најмногу погодено, 50 луѓе се водат за исчезнати. Одделни жители кои претходно биле евакуирани, веќе почнале да ги санираат штетите и да ја расчистуваат околината, откако денеска престанало да врне дожд.
Надлежните соопштиле дека е формирана работна група, која ќе располага со буџет од 18 милиони долари со цел доставување на залихи и друга неопходна поддршка на центрите за евакуација, како и на луѓето на подрачјето на Хирошима.