Шведскиот модел на давање предност на личната одговорност на секој граѓанин пред ограничувачките мерки наметнати од владата, беше остро критикувано кон крајот на пролетта кога земјата имаше значително поголем број жртви од соседството, но официјалните лица на Светската здравствена организација (СЗО) сметаа дека тоа е одржлив модел.
Инфекциите значително опаднаа ова лето, а Шведска досега го избегнуваше наглиот пораст на нови инфекции со кои од минатиот месец се соочија Шпанија, Франција и Велика Британија.
Сепак, заклучно со петокот, потврдени се околу 1.200 нови случаи и пет жртви. Зголемувањето на новите случаи не може да се објасни само со зголемениот број тестови, објави Агенцијата за јавно здравје.
„Просечниот број на новоинфицирани расте“, рече Андерс Тегнел, водечки државен епидемиолог и автор на шведскиот модел.
„Ова досега не влијаеше на здравствениот систем“, рече тој, додавајќи дека бројот на нови случаи е многу мал, како и бројот на смртни случаи.
“Но, не можеме да исклучиме воведување нови мерки во главниот град. Разговараме со надлежните во Стокхолм за тоа дали треба да се воведат нови мерки за да се намали ширењето на инфекцијата. Што точно ќе се случи, ќе разговараме наредните пет дена”, додаде тој.
Шведска имала 5870 смртни случаи од почетокот на пандемијата, што е далеку повеќе по глава на жител отколку во соседните нордиски земји, но има и помалку отколку Италија и Шпанија кои избраа целосна изолација.