Свет 12. мај 2020. / 12:16

„Рајанер“ од 1 јули обновува 40% од летовите: Патниците ќе мора да побараат дозвола за во тоалет

„Рајанер“ од 1 јули обновува 40% од летовите: Патниците ќе мора да побараат дозвола за во тоалет

Ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ соопшти дека од 1 јули ќе обнови 40 проценти од закажаните летови доколку европските влади  ги отстранат ограничувањата за летови во рамките на Унијата и ги применат најавените здравствени мерки на аеродромите.

„Рајанер“ преку соопштение наведува дека патниците ќе треба да носат маски за лице, да поминат мерење на температурата на телото. Чекањето во редици пред тоалетите ќе биде забрането, а употребата на истите ќе биде овозможена по поединиечно барање на патниците и добиена дозвола од екипажот.

Според планот, авиокомпанијата од 1 јули ќе треба да управува со 1.000 летови дневно од своите 80 бази низ Европа, во споредба со моменталните само 30 летови дневно.

На овој начин компанијата ќе покрие 90 отсто од дестинациите до кои леташе пред корона-кризата, но со намалена фреквенција на дневни и неделни летови.

Како дел од мерките за борба против Ковид-19, „Рајанар“ ќе бара од сите патници да пополнат формулар во кој се детализирани должината на нивната планирана посета и каде ќе престојуваат, а информациите ќе ги доставува до владите на ЕУ за да проверат дали патниците ги исполнуваат 14-дневните мерки за изолација при влегувањето во земјите на Унијата.

Во соопштението се додава и дека внатрешноста на авионите секоја вечер ќе се дезинфицира и дека во леталата ќе бидат забранети плаќањата во готовина.