Свет 11. ноември 2020. / 19:12

Рачно ќе се пребројуваат гласовите во Џорџија – кога ќе има конечни резултати?

Рачно ќе се пребројуваат гласовите во Џорџија – кога ќе има конечни резултати?

Државниот секретар на Џорџија денеска објави дека изборните службеници ќе извршат рачно пребројување на сите гласови за престедателските избори.

Голем дел од медиумите веќе пренесоа дека државата паднала во рацете на демократите, односно дека нивниот кандидат Џо Бајден добил 14,111 гласови повеќе од Доналд Трамп, дека тоа е резултат кој треба и официјално да биде признаен и покрај тоа што Трамп најави судски процеси против сите сомневања за нерегуларности на изборите.

Државниот секретар Бред Рафенспергер изјави дека сите 159 области во Џорџија ќе бидат опфатени со пребројувањето и истото би требало да заврши до 20-ти ноември – последниот рок за објавување на конечните резултати во една држава.

Рафенспергер рече дека ќе се започне истрага во сите наводни пријави за изборни нерегуларности и изјави дека „секој легален глас ќе се брои“, нешто што е често повторувано од претседателот Доналд Трамп.

Рафенспергер е Републиканец, но тој претрпе жестоки кртики од страна на водачите на кампањата на Трамп, како и од други Републиканци, како сенаторите Дејвид Пердју и Кели Лефлер кои побараа од него оставка поради лошото менаџирање на процесот на пребројување на гласовите.

– Менаџирањето на изборите во Џорџија е срамно за нашата држава. Сметаме дека кога некој ќе потфрли, тоа треба да се обзнани – дури и кога тоа е во рамки на твојата партија, изјавија двата сенатори во заедничката изјава.

Во меѓувреме, Трамп победи во Аљаска, а во Аризона ја намали разликата на малку повеќе од 10,000 гласови.