Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не престануваат обидите за искривување на историските вистини, а кон тоа, вели, се приклучиле не само наследниците на нацистичките соучесници, туку и некои угледни меѓународни институции и европски структури.
Како пример тој ја наведе неодамнешната резолуција на Европскиот парламент која, како што оцени, на исто ниво ги ставила нацистичките агресори и Советскиот Сојуз, пренесе Тасс.
– А оние кои се обидуваат да се спротивстават на таквата неоснована лага, се обвинуваат за информативна војна против демократска Европа – изјави Путин на состанокот на организацискиот одбор „Победа“, задолжен за одбележување на 75-годишнината од победата во Втората светска војна.
Европскиот парламент пред 2,5 месеца усвои резолуција во која се наведува дека договорот за ненапаѓање меѓу нацистичка Германија и СССР, „го отворил патот за избувнување на Втората светска војна“.