Свет 05. март 2020. / 19:52

Путин и Ердоган се договорија: Изготвен документ за решавање на состојбата во Идлиб

Путин и Ердоган се договорија: Изготвен документ за решавање на состојбата во Идлиб

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин, по повеќечасовни разговори во Москва постигнаа договор за решавање на кризата во сириската провинција Идлиб.

Блиските лични односи меѓу лидерите на Руската Федерација и Турција ни овозможуваат да најдеме заеднички пристапи за решавање на меѓународните проблеми – изјави Путин.

Тој додаде дека разговорите за Сирија се завршени во позитивна насока, односно дека Русија и Турција нашле прифатливи решенија за проблемот во сириската северна провинција Идлиб.

Москва и Анкара договорија документ за заедничко регулирање на ситуацијата во Сирија – нагласи рускиот претседател.

Путин очекува дека договорот на руско-турската средба на врвот во Москва треба да стави крај на страдањата на цивилите во Сирија.

Договорот меѓу Москва и Анкара предвидува создавање безбедносен коридор во провинцијата Идлиб во реонот на сирискиот автопат М4.

Страните се согласија да создадат заштитен коридор шест километри северно и шест километри јужно од автопатот М4. Конкретните параметри за функционирањето на безбедносниот коридор ќе ги договорат министерствата за одбрана на Руската Федерација и на Турција во рок од седум дена – се наведува во соопштението објавено по средбата.

Од 15 март Русија и Турција ќе почнат заедничко патролирање низ автопатот М4 од населбата Тромба до селото Аин ал-Хабр.

Двете земји ја изразија својата подготвеност да се борат со сите појави на тероризам.

Борбите во сириската провинција Идлиб е договорено да прекинат денеска на полноќ.

Средбата се одржа во услови на зголемени тензии во северниот дел на Сирија, провинцијата Идлиб. Речиси тричасовната средба меѓу двајцата претседатели беше проследена со состанок меѓу делегациите, што вкупно траеше околу шест часа.